Thursday, April 3, 2014

„НОВОМАТИК“ ГИ ЗАГРИЖИ ГРЧКИТЕ КАЗИНА




Грчките казино-оператори стравуваат дека би можеле да загубат уште повеќе коцкари во соседната Република Македонија, откако австрискиот коцкарски гигант „Новоматик“ повторно отвори казино на границата на двете земји. Вака ја почнува својата анализа „Гемблинг комплајанс“, онлајн-издавач на правни, регулаторни и бизнис информации за глобалната индустрија на игри, објавена на 25 минатиот месец, откако австриската компанија „Новоматик“ стана целосен сопственик на популарното казино-хотел „Фламинго“ во Гевгелија, плаќајќи за него, како што објавија овдешните медиуми, 20 милиони евра.

„Утрински“ веднаш по објавувањето на зделката пред десетина дена побара од раководството на „Фламинго“ повеќе детали за трансакцијата, за доходовноста на овој бизнис, како и за очекувањата на новиот сопственик. Одговор добивме директно од „Новоматик“, во кој компанијата наведува дека најмногу може да ни помогне статијата на „Гемблинг комплајанс“. Според овој текст, „Новоматик“ соопштил дека го купил казиното „Фламинго“, едно од најголемите казина во Македонија, за, како што навеле, да ја задоволат побарувачката кај грчките коцкари. Според „Новоматик“, досегашните нивни инвестиции во земјава изнесуваат 40 милиони евра, а по нив следува и купувањето на „Фламинго“.

Главниот извршен директор на „Новоматик“, Франц Волфарт, вели дека казината во Грција „не можат да ја задоволат побарувачката“, бидејќи грчките коцкари ги преполнуваат местата околу автоматите на компанијата.

Димитрис Панагеас, правен советник за најголемото казино во Грција, „Клуб-хотел Лутраки“, вели дека преземањето од „Новоматик“ на работата на казиното „Фламинго“ предизвикува загриженост кај грчките оператори.

„Тоа е голем оператор и јас очекувам дека грчките казина ќе имаат потешкотии и ќе загубат многу клиенти на тој пат. Јас сум убеден дека ’Новоматик‘ ќе вложи некои инвестиции во казиното и дека соодветно ќе привлече повеќе клиенти, дури и од Грција, бидејќи многу Грци веќе ги посетуваат казината во Македонија“, истакнува Панагеас.

Според анализата, „Новоматик“, кој е еден од најголемите производители на автомати во Европа, се очекува да се фокусира на рекламирање на 470 коцкарски апарати за казино, повеќе отколку мошне помалата сегашна колекција од 34 коцкарски маси.

„’Новоматик‘ ќе вложи пари во тоа, ќе го донесат Ники Лауда и ќе имаат големи главни добивки. Целата маркетиншка филозофија околу ’Новоматик‘ ќе биде за производот од автоматите“, вели Ијан Гослинг, главен извршен директор на „Реџенси ентертејмент“, кој работи со две казина во Грција.

Во статијата се потенцира дека казиното „Фламинго“ се наоѓа во коцкарскиот центар Гевгелија, на пет часа од Атина и само еден час од Солун, вториот најголем град во Грција и главен транспортен центар за остатокот од Југоисточна Европа.

Според грчките оператори, трите големи казина на границата на Македонија „Принцес казино“, „Хотел Аполонија“ и „Фламинго“ привлекуваат само грчки коцкари. „Единствената причина поради која тие се таму е да ги насочат грчките коцкари од Солун и другите мали градови кои се наоѓаат на грчката граница“, изјавил Гослинг, кој раководи со огромно казино на „Реџенси“ во Солун. „Многу пари ја минуваат грчката граница и трговците на Солун апелираат кај владата дека таа треба да направи нешто околу тоа, бидејќи сите губиме пари. Казиното ја губи работата, но и многу други бизниси губат работа, бидејќи е поевтино да се наполни бензин, да се посети стоматолог или супермаркет од другата страна на границата“, вели Гослинг. Близината на Гевгелија и потрошувачката моќ на еврото се причините поради кои е поевтино луѓето да ги посетуваат казината во Македонија отколку трите грчки казина во северниот дел на Грција. „Македонскиот пазар не е голем пазар, но е многу атрактивен и се' се сведува на тоа колку се трошоците за работа на казиното“, изјави Панагеас, додавајќи дека не можат да се споредат трошоците за работа меѓу грчките казина со оние на „Фламинго“ или други казина во таа област.

Инаку, се вели во анализата, казината во Гевгелија силно се рекламираат во Грција и за нив е вообичаено да организираат настани и да нудат бесплатен хотелски престој.





Превземено од Утрински










.